Охрид не се откажува од гаражата под Езеро

Објавено на 23 ноември, 2012 во 10:24

Охрид не се откажува од изградбата на подземен премин и гаража под Езерото. Архитектите одлучија овој објект да се изгради во строгиот центар на градот преку кој под земја ќе се поврзе поширокиот простор околу плоштадот со влезот во стариот дел на Охрид.

Во првиот обид советниците на Градскиот совет не го прифатија деталниот урбанистички план за Ривиера и Табана каде влегува и гаражата и преминот, но локалната власт најавува повторно поставување на дневен ред на овој проект.

„Од  сосема минорни  причини овој план не помина пред советниците. Ние наскоро повторно ќе го поставиме на дневен ред на седница на Советот на Општината. Се надевам дека овој пат планот ќе биде донесен. Изградбата на подземен премин и гаража е релативно скап проект, но ние се надеваме дека тој ќе може да се реализира со приватно јавно партнерство. Потребно е да се применат и специфични градежни решенија бидејќи објектот е на неколку метри од езерото. На тој дел разбирливо е дека има вода, а тоа ќе бара посебна градежна постапка.“ вели Бранко Арнаудов, раководител на Секторот за урбанизам при локалната самоуправа.

Охридски архитекти очекуваат дека изградбата на подземен премин и гаража под плоштадот и под нивото на езерото ќе овозможи полесна и побрза комуникација меѓу центарот на Охрид со влезот во стариот дел. Згора на тоа, и жителите на Стар град ќе имаат повеќе простор за паркирање на своите автомобили. Со овој проблем најмногу се соочуваат во текот на летото кога сегашниот паркинг во центарот е преполн со возила, објави www.Lihnid.com.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.