Поддршка на УСАИД за поинклузивни училишта!
Ученици од мешано етничко потекло заедно учеа за обичаите и традициите.
Програмата за образование на Роми на УСАИД заедно со партнерските основни училишта во Скопје, Прилеп и Куманово го одбележи завршувањето на првиот циклус мали училишни интеркултурни иницијативи. Овие активности беа дизајнирани како дел од училишните вон-наставни активности каде учениците од мешано етничко потекло работеа заедно и учеа за обичаите и традициите во различните култури. Овие активности овозможија поголема интеракција помеѓу учениците и инклузивна училишна клима. Учениците подготвија Готварче со рецепти од кујните на различните етнички заедници, собраа легенди и преданија од постарите, подготвија презентација на национални носии и научија песни од нивните соученици со различна етничка позадина.
„Денес сме овде да ја славиме различноста. Нашите деца живеат во свет кој станува се поразличен и ние треба да ги подготвиме за тој свет. Со тоа што ќе ги им дадеме можност за искуства со други култури, децата ќе можат да учат едни од други, да ги збогатуваат своите лични искуства и да ги јакнат своите вештини кои се критични за нивниот подоцнежен живот“ – рече Лиана Мар, директор за образование во УСАИД Македонија.
Програмата за образование на Роми на УСАИД имплементирана од Фондацијата отворено општество-Македонија, годишно, им помага на преку 1,500 ученици Роми да го подобрат успехот во образованието. За осум години 298 средношколци и 84 студенти Роми завршија средно образование и универзитет со поддршка на УСАИД како и преку 300 наставници од проектните основни училишта и 156 средношколски наставници добија обука за образование за социјална правда и интерактивни наставни методи. Финансиската помош изнесува 4,5 милиони американски долари.