Павловска-Данева: “Ако нема компромис ќе има граѓанска непослушност“!
Социјалдемократите ќе започнат кампања за локални избори, но нема да промовираат кандидати за градоначалници.
Опозицијата ќе оди низ земјава да ги убедува гласачите да не излегуваат на избори, пишува “Вест“. Кампањата за неизлегување на гласање ќе следела доколку не биде најден компромис со ВМРО-ДПМНЕ за пролонгирање на локалните избори, измена на Изборниот законик и предвремени избори во септември,
СДСМ по изборите, според весникот, ќе премине на герилски активности, кон граѓанска непослушност, што ќе ги реализираат партиските активисти.
“Целта на нашата кампања ќе биде да се убедат граѓаните дека со неизлегувањето на локалните избори, гласале всушност против власта. Дека секое останување дома на денот на гласањето е глас против власта. Ќе излезе Никола Груевски, ќе прогласи победа без конкуренција од опозицијата, но изборите ќе имаат нула легитимитет“ објаснува за „Вест“ потпретседателката на СДСМ Ана Павловска – Данева и додава дека партиското раководство сметало дека и доколку победела власта сама на избори, режимот и апсолутната власт набргу ќе се изронеле.
СДСМ пред и по локалните избори на 24 март ќе применува и неконвенционални средства, за вознемирување на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Никола Груевски, најавува потпретседателката на СДСМ, додавајќи дека секој ден ќе имало блокади на институции или на патишта, како и герилски мерки (на пример расклопување на столчиња на 50-на членови и активисти на опозицијата пред влез на некоја државна институција, сe додека не дојде полицијата), протести и други методи кои остануваат тајна, за да не можела власта да се прави дека ништо не се случувало./ А.Д
извор: ВЕСТ