Во ЕП денеска се гласа за Резолуцијата за Македонија!

Објавено на 8 април, 2013 во 08:44

Во европскиот законодавен дом во Брисел, денеска попладне, ќе се гласа за Резолуцијата за Република Македонија.  Одлуката ќе ја донесе Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, јавува МИА.

Известувачот за нашата земја од ЕП, Ричард Ховит се очекува да ги претстави споените амадмани од вкупно 203-те поднесени на последната седница на АФЕТ и Европарламентот да го даде своето мислење во однос на последниот извештај на Европската комисија за Македонија од октомври минатата година.

Со оглед на тоа што октомвриската оценка на ЕК беше позитивна за македонскиот напредок во политичката демократија и евроинтеграции, вклучувајќи и препораката за почеток на пристапните преговори со Европската унија, денеска се очекува во ЕП да биде потврдено сето ова и од европарламентарците.

Иако во денешната Резолуција на АФЕТ се очекува да биде нотирана политичката криза што изминатите месеци ја создаваше опозициската СДСМ, етничките тензии и штотуку завршените локални избори, според најавата на известувачот Ховит за МИА од пред десетина денови, оваа Резолуција во целост се очекува да биде позитивна за Република Македонија.

„ЕП ќе се справи со овој извештај во позитивна и конструктивна рамка и јас сум сигурен дека така ќе биде,“ вели Ховит, кој додаде и дека придавката „македонски“ ќе биде употребена еднаш, а пред неколку дена на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“ посочи и дека Европскиот парламент во Резолуцијата за нашата земја ќе побара и итен почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Откако Комитетот за надворешни работи на ЕП ќе ја усвои Резолуцијата на Македонија, се очекува таа месецов да биде одобрена и на пленарна седница на Европарламентот по што ќе биде комплетирано ова во правна смисла мислење на европскиот законодавен дом за европската перспектива на земјава.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.