Избегната голема авионска несреќа над Македонија!
Пред десет дена била избегнат директен судир на два авиона над Македонија, јави Алфа тв.
Авионите на компаниите Изиџет и Шамрок Ерлајнс избегнале судар само благодарение на авионските уреди кои сигнализираат опасност од приближување на друг авион. Инцидентот се случил на потегот помеѓу Прилеп и Кичево, кога авионите биле на раздалеченост од само 800 метри, што важи за исклучително критична. По барање на двете компании Еуроконтрол започна истрага. Компаниите според информациите се пожалиле дека во критичниот момент пилотите на двете летала имале инструкции да не ја менуваат предвидената рута.
Од Агенцијата за цивилно воздухопловство за Алфа потврдија дека нивни инспектори го истражуваат случајот. Оттаму само кусо одговорија дека се работи на утврдување на причините, по што ќе се преземат натамошни активности. Паралелно бил формиран тим и во Македонска навигација, каде исто така во тек била интерна истрага околу инцидентот.
Според процедурата, комплетниот записник од истрагата ќе треба да биде испратен до националниот комитет надлежен за испитување на инциденти. Статистиката покажува дека по катастрофата од 2002 кога над Швајцарија се судрија руски патнички авион и карго на комапнијата ДХЛ, во светски рамки се регистрирани уште десетина слични инциденти кои за среќа минале без човечки жртви.
