Анкета на ЦИКП: Најголем дел од граѓаните му веруваат на Груевски
Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) ги објави резултатите од спроведената телефонска анкета во периодот од 20 до 23 септември. Биле опфатени 1.092 испитаници.
На прашањето кој лидер на политичка партија сметате дека е најтолерантен, 26 проценти од испитаниците се изјасниле за Груевски, 7 проценти за Зоран Заев, за Али Ахмети 5 и 2,5 проценти за Лилјана Поповска, додека 2 проценти за Руфи Османи.
Анкетата покажува дека граѓаните сметаат оти ВМРО – ДПМНЕ најдобро би се справила со меѓуетничките односи и со невработеноста, а најдобро ќе се грижи и за животната средина.
Од испитаниците 17 отсто на прашањето која партија најдобро би се справила со меѓуетничките односи, се изјасниле за ВМРО – ДПМНЕ, за ДУИ и СДСМ 4 проценти и 1 процент се изјасниле за ДПА. Останатите партии добиле незначителна поддршка по ова прашање.
Дури 30 отсто од анкетираните сметаат дека ВМРО – ДПМНЕ најдобро ќе се справи со невработеноста. За ДУИ се изјасниле 3, за СДСМ 4 проценти.
Истражувањето, посочуваат од ЦИКП, е спроведено во рамки на проектот поддржан од ЕУ „Партенрство за отворена влада-право да знаеш во ЈУИ Европа“.
