Осуда за продолжениот притвор на Кежаровски
Здружението на новинари на Македонија испрати иницијатива до министерот за правда, Блерим Беџети, за ослободување на новинарот Кежаровски од одговорност. Тие во обраќањето остро ја осудуваат одлуката по петти пат да му биде продолжен притворот на новинарот Томислав Кежаровски и бараат тој да биде ослободен.
Новинарот веќе петти месец се наоѓа во затворот во Шутка, откако беше уапсен за објавен текст од пред пет години, со кој открил идентитет на заштитен сведок.
„Постојаното продолжување на притворот повеќе не служи за непречено водење на судската постапка, туку прераснува во казна. Оваа одлука на некој начин ја навестува конечната пресуда, со што се крши основното начело во една правна држава дека секој е невин додека не се докаже спротивното“, се наведува во иницијативата.
Според новинарското здружение нејасно е зошто судот е убеден дека притворот е нужен, кога има на располагање и други поблаги мерки за обезбедување присуство. „Кежаровски ги исполнува условите да се брани од слобода“, е ставот на ЗНМ. Тие потсетуваат дека на 2 септември до Министерството за правда имаат доставено иницијатива за ослободување од гонење на новинарот Кежаровски, за која се’ уште нема одговор.
„Го охрабруваме Министерството за правда сериозно да ја разгледа нашата иницијатива, бидејќи со тоа власта ќе покаже дека со посебна чувствителност постапува кон прашања поврзани со слободата на изразувањето“, се вели во соопштението на ЗНМ.
Со осуда на продолжувањето на притворот за Кежаровски, денеска се вклучи и македонскиот ПЕН-центар. Според неговиот претседател Ристо Лазаров, „петтото продолжување на притворот на новинарот, исто како и иницијалното притворање и сите досегашни продолженија на оваа драмолетка на апсурдот, заслужува и наидува на целосна осуда на домашната и меѓународната демократска јавност“.
