Предност за адвокатите со безбедносен сертификат во случајот „Шпион“
Адвокатите кои поседуваат безбедносен сертификат не мора да чекаат декласификација на актите за случајот „Шпион“ и уште сега може да побараат увид во нив, јави Дојче Веле.
Првиот судски случај во Македонија за кривичното дело шпионажа ги отвори дилемите под какви услови ќе се одвива судењето: Дали и колку јавноста ќе може да „знае”? И дали на учесниците во судскиот процес им се потребни бебзедносни сертификати, со оглед дека ќе имаат увид во информации класифицирани со различен степен – „тајна”, „строго доверливо”, „доверливо” или „интерно”?
Истражниот судија од Одделот за организиран криминал, Владимир Туфегџиќ, вели дека не се потребни безбесносни сертификати, бидејќи ќе се декласифицираат актите кои ќе бидат користени во судскиот процес.
„Постапката е следна: Кога до Судот ќе стигнат класифицирани акти, ние се обраќаме до доносителот на тие акти, на пример, до МВР, и бараме да го симне степенот на тајност. Потоа добиваме повратно писмо од овластено лице во МВР за нивна декласификација. Актите кои се декласифицирани, може да се користат само за службена употреба во судската постапка. Адвокатите и странките во спорот имаат право на увид во нив за да може да ја подготват одбраната, но тие акти не смее да ги коментираат во јавноста”, објаснува Туфегџиќ.
Тоа значи дека за сите докази на кои претходно ќе им биде симната тајноста, ќе може да се говори само во судницата. Јавноста нема да дознае врз основа на кои докази се уапсени и им се суди на осомничените во случајот „Шпион”.
Извор: Дојче Веле
