Расте свеста за превенција од рак на дојка

Објавено на 7 октомври, 2013 во 22:51

Да се подигне јавната свест за важноста на превентивните прегледи и раното откривање на ракот на дојката, затоа што раното детектирање и третманот можат да спречат предвремени смртни случаи, е пораката која ја упатија учесниците на Шестата национална конференција за рак на дојка што се одржа вечерва во организација на здружението „Борка“.

Претседателката на „Борка“, Биба Додева, рече дека со конференцијата сакаат да го означат почетокот на светскиот месец посветен на борбата против ракот на дојка.

– Граѓаните на Република Македонија во последните неколку години покажаа една сериозно зголемена свест во однос на ракот како болест особено кога станува збор за ракот на дојката. Зголемен е бројот на превентивните прегледи, интересот за едукација… Во текот на следните три месеци ќе се организираат предавања, трибини со цел потсетување на жените за грижата за сопственото здравје. Ќе реализираме т.н.розов караван на кој ќе ги запознаеме жените со симптомите, начините на лекување, терапиите, третманот во однос на ракот на дојка. Во тек е изработка на водич за пациенти со метастатски карцином – додаде Додева.

Сопругата на американскиот амбасадор, Мери Џо Волерс, рече „имаме моќ да се организираме и да ја подигнеме свеста за борба против ракот на дојката“.

Маја Иванова, сопругата на македонскиот претседателот, порача дека создавањето здрава популација, здрави поколенија, овозможувањето здравствени услуги достапни за сите граѓани, е обврска на државата во која живееме.

– Ги поздравам сите активности кои се преземаат од релевантните државни институции во борбата против ракот на дојката. Убедена сум дека денешната конференција немаше да биде успешна доколку меѓу нас овде не се присутни многу поединки кои се вистинските „борки“. Тоа се храбрите и горди „борки“ кои ги пребродиле најтешките моменти во својот живот соочени со оваа болест. Тоа се „борките“ кои излегоа победници во борбата против ракот на дојката, кои се пример дека животот продолжува, дека светот сè уште може да биде розево место за живеење – рече Иванова.

Таа ги повика граѓаните да ја шират, како што рече, нивната розева порака и со нив гордо да ја носат розевата панделка.

Министерот за здравство, Никола Тодоров, истакна дека министерството континуирано презема активности за следење на најновите светски достигнувања и методи за рана дијагностика на малигните заболувања, како и примена на современите терапевтски методи кои го продолжуваат и го прават поквалитетен животот на тие пациенти. Тој ја спомна изградбата на новиот ПЕТ Центар како современа метода за ефикасна дијагностика и важен предуслов за успешна и пократкотрајна терапија на малигните заболувања, а воедно и како ефикасно следење на пост терапевтските третмани и навремено дијагностицирање на евентуалните рецидиви при малигните заболувања.

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.