Наставниците тешко ги внесуваат оценките во електронскиот дневник

Објавено на 18 јуни, 2014 во 07:22

Минатата, но и оваа недела наставници и професори од училиштата низ државата имаат потешкотии при внесувањето оценки во електронскиот дневник. Освен во пишана форма во обичниот дневник внесувањето оцени во електронска верзија е законска обврска која мора да ја исполнат по завршувањето на наставничките совети, јави Факултети.мк

Деновиве околу 20.000 просветници се обидуваат да ги завршат обврските, а дека тешко им оди поврзувањето во системот, се жалат и на социјалните мрежи.

„Не можам да се најавам“

„Кај мене не функционира е-дневникот, не можам да се најавам“, „Communication with the server failed“, „Чудо! Замислете успеав да ги напишам оценките за шестто одделение!“, „Постојано ме исфрла на почетна и ми бара повторна најава.“, „Серверот постојано ме исфрлаше, но бев упорна и ја завршив работата“.

Ова се само дел од коментарите на наставници и професори кои деновиве можат да се прочитаат на социјалните мрежи. Некои од нив, спротивно на овие коментари, велат дека многу лесно и без проблеми го завршиле внесувањето податоци во електронска верзија.

Нема писмени жалби

– Наставниците реагираат дека имаат проблеми, но најчесто тоа го прават усно. На писмено досега кај мене не стасала ниту една претставка, вели Зоран Узунов, општински просветен инспектор од Струмица. – Сега на пример, грми и не можат да се конектираат бидејќи нема мрежа. За тоа дали ќе успеат да внесат податоци или не, зависи од пропусната моќ на серверот. Некои наставници се жалат дека до 2 или 3 часот ноќеска работеле чекајќи да се растовари системот. Има на пример, 10.000 наставници кои во исто време сакаат да ја завршат работата. Тоа е исто како низ една врата да се обидуваат да влезат 1.000 луѓе. Нема виновници за ваквата ситуација, бидејќи едноставно периодот е таков, сите сега треба да ја завршат таа обврска – вели Узунов.

Тој потсетува дека Државниот просветен инспекторат е тој кој врши надзор врз работата на наставниците.

– Ние како општински инспектори немаме ингеренции да правиме контроли за тоа, дали наставниците навремено ја завршуваат обврската да внесат податоци во електронскиот дневник – додава Узунов.

Системот годинава е подобар од лани

За тоа, дали има начин да се реши ваквата состојба, прашавме во Минисетрството за образование и наука. Оттаму велат дека електронскиот дневник годинава е подобрен во однос на неговата функционалност. – Направени се корекции на архитектурата на системот и платформата на која системот функционира, така што обезбеден е балансиран сообраќај. Елиминирана е можноста од губење на интернет-поврзувањето, инсталирани се системи за непречен извор на електрична енергија, односно агрегати за производвство на електрична енергија при престанок на напојување од системот на ЕВН, а дополнително е обезбеден и резервен сервер во случај на поголеми проблеми во непредвидливи ситуации, (катастрофи) – податоците да останат зачувани преку редовна поддршка на дневна основа – појаснуваат во министерството.

Оттаму потсетуваат дека наставниците имаат законска обврска на неделна основна да го ажурираат електронскиот дневник и тоа треба да се почитува во текот на целата учебна година.

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.