РСБСП : Задолжително техничка проверка на возилото пред патување во зимски услови за безбедност на патниот сообраќај
15.02.2021
Со оглед на фактот дека временските услови во зима значително влијаат на безбедноста на патниот сообраќај, особено важно е возилото да биде технички исправно. Затоа, пред да тргнете на долго патување во зима, најпрвo потребно е да направите техничка проверка на возилото и тоа: на гумите, на бришалите и грејачите, системот за ладење, акумулаторот и светлата. потсетуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Според РСБСП, како што опаѓа надворешната температура, така се намалува и притисокот во гумите, па се препорачува да се направи проверка на притисокот во нив дали е подеднаков и согласно препораките.
-Проверувајте го притисокот на воздухот во гумите кога се ладни, што значи кога автомобилот не е управуван најмалку три часа. Проверувајте ги гумите најмалку еднаш месечно и пред секое долго патувања. Не заборавајте да ја проверите и резервната гума. Треба да ги прегледате гумите и да проверете за евентуално нивно оштетување. Проверете ја шарата и страничните ѕидови да не имаат какви било исеченици, дупки, испакнатини, стружења, пукнатини или испакнатини. Во случај да видите каква било штета, oднесете го вашето возило кај професионалец за сервисирање гуми за понатамошна контрола, соопшти Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Се препорачува да се провери и староста на секоја гума. Некои производители на возила препорачуваат гумите да се менуваат на секои пет години без оглед на тоа колку се употребувани. И секако, да не се заборави дека во зима најдобро и најбезбедно е да се вози со зимски гуми.
За бришачи и грејачи, се наведува, бидете сигурни дека работат грејачите во возилото, грејачите на ветробранското стакло и бришачите. Добрата видливост на патот е клучна за безбедно управување на возилото. Поради неисправни грејачи или бришачи многу често во зима доаѓа до замаглување на ветробранското стакло или до несоодветно чистење на стаклото при врнежи од дожд или снег. Затоа отстранете ги неисправните и истрошените бришачи и можеби не е лошо да размислите за монтирање на тешки зимски бришачи, особено ако патувате во области каде што има многу снег и мраз.
Осигурете се дека резервоарот за течност за бришачите е полн со висококвалитетна „зимска” течност за бришачите.
Кај системот за ладење препорачуваат – проверете дали имате доволно течност за ладење во моторот на вашето возило и дали течноста одговара на надворешните температури и на спецификите на системот за ладење на возилото. Вие или механичар треба да проверите дали има протекување на системот за ладење, да ја тестирате течноста за ладење и да ја замените старата течност за ладење доколку има потреба.
Сервис на возилото – Посетете го вашиот механичар и проверете дали има протекување, истрошени црева или други потребни делови, поправки и замени.
Акумулатор – Кога температурата паѓа, паѓа и енергијата на батеријата. Во зимски услови и ниски температури потребно е поголема енергија од батеријата за да го стартувате возилото. Нека вашиот механичар го провери акумулаторот, системот за полнење и ремените и нека ги направат сите потребни поправки или замени.
Светла – Проверете ги фаровите, светлата за сопирачките, трепкачите, трепкачите за вонредни состојби и внатрешните светла.
Помошен алат – Лопата, метла, стругалка за мраз, спреј за одмрзнување на брави, кабли за акумулатор, кофа со песок, фенерче, ќебе, мобилен телефон со полнач, вода, храна и каков било неопходен лек, резервен клуч… Сите тие работи може да ви завршат голема работа кога патувате во зима и се наоѓате во некоја непријатна ситуација.