Средба на тутунарите и откупувачите со министерот Хоџа
15.02.2021
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа денеска ќе одржи средба со претставници на тутунопроизводителите и откупувачите на тутун. Како што изјави Хоџа во петокот, на средбата ќе стане збор за методологијата за распределба на петте милиони евра помош за тутунарите, предвидени со петтиот пакет антикризни мерки.
Целта на овие средства, нагласи Хоџа, е да се исполни ветеното од пред еден месец – откупната цена на тутунот да не биде под 180 денари за килограм.
-Тоа е рамката на средствата што се обезбедени. Со нив ќе се обидеме да им помогнеме на тутунарите поради тешката година и да го исполниме ветувањето дека просечната цена нема да биде под 180 денари. На средбата ќе ја утврдиме точната методологија како ќе се направи тоа, истакна министерот.
Хоџа информира дека за откуп се останати уште 1.500 тони тутун. Тој очекува заклучно со денеска да бидат преземени овие, договорени количини, за да се утврди потоа и начинот за откуп на вишоците.
-Откупот на договореното производство би требало до понеделник да се заврши. Потоа, како што утврдивме на минатите заедничлки состаноци, ќе утврдиме како треба да се откупи вишкот, за што се заложија и откупните компании, а дали ќе има потреба за продолжување на законскиот рок ќе се одлучи на состанокот во понеделник и врз основа на тоа ќе се преземат конкретни мерки, рече Хоџа.