Османи денеска ја продолжува работната посета на Обединетите Арапски Емирати
22.02.2021
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ја продолжува дводневната посета на Обединетите Арапски Емирати со средба со неговиот емиратски колега Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Во текот на денешниот ден, Османи во Абу Даби ќе се сретне и се државниот министер за економска диверзификација и економска дипломатија Ахмед Али Ал Сајег, како и со извршниот директор на Меѓународниот центар за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализам Хедаја, Ахмед Ал Касими.
Вчера, на првиот ден од посетата на Обединети Арапски Емирати, Османи, престојуваше во Дубаи, каде се сретна со државната министерка за меѓународна соработка Реим бинт Ебрахим Ал Хашеми, која е одговорна за меѓународна, развојна и техничка помош и е главен управен директор на „ЕКСПО 2020 Дубаи”.
Како што соопшти Министерство за надворешни работи, централна тема на средбата беше учеството на Северна Македонија на „ЕКСПО 2020 Дубаи”, а Османи упати и благодарност за помошта на Обединети Арапски Емирати, за справување со пандемијата ковид-19, што беше доделена на нашето Министерство за здравство во текот на месец ноември минатата година.
Османи имаше средба и со министерот за надворешна трговија, Тани Ахмед Ал Зејуди, со кого разговараше за продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена, при што истакна дека економската соработка останува главен фокус на нашиот заеднички интерес, пред се во сферата на трговијата, инвестициите и туризмот.