Даниловски: Не постои причина да не се вакцинира лице кое прележало ковид-19

Објавено на 9 април, 2021 во 07:37

danilovski

09.04.2021

Не постои причина лице кое прележало ковид да не се вакцинира, независно дали развило или не антитела, вели епидемиологот Драган Даниловски во објава на Фејсбук.

Појаснува дека ниту една држава во светот не прашува дали некој прележал ковид или не.

– Во ниту една земја во светот во која се спроведува масовна вакцинација, на пример, Израел, САД, Обединетото Кралство и сите други, воопшто не се прашува дали некој прележал ковид и колку време поминало од прележувањето – а камоли да се прават серолошки тестови пред вакцинирањето! Една најнова аргентинска студија покажала дека после давање на една доза на вакцина Спутник В, кај прележани од ковид, се развил повисок титар на антитела, отколку кај оние што примиле две дози, а претходно немале ковид. (Патем, ова е доказ дека не постои ризик по здравјето на прележаните лица ако се вакцинираат.) Ова покажува дека кај прележаните била доволна само една доза за да развијат полн имунитет. Прележаноста на болеста играла улога на прва доза на вакцина, вели Даниловски.

Потенцира дека ставот да се почека да поминат шест месеци е поради тоа што Македонија има ограничен број на вакцини.

– Во врска со изнесените ставови во јавноста дека оние што прележале ковид треба да направат серолошки тест и да си ги определат антителата пред да се вакцинираат, две студии (една во Израел и друга во Катар), покажале дека серолошките тестови не рефлектираат имунитет. Студиите заклучиле дека испитаниците (12.000 во Израел и 40.000 во Катар), независно дали имале или немале антитела, во тек на период на следење од 35 недели, многу ретко повторно се заразиле (0,02% или 1 на 5.000).(2). Интересно е што стапките на реинфекција изнесени во овие студии се многу пониски од оние во една данска студија. Во неа е заклучено дека прележаните од ковид помлади од 65 години имале ризик за реинфекција од околу 20%, а постарите од 65 години дури околу 50%, вели Даниловски.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.