Третиот бран од ковид-19 стивнува, бројот на новозаболени опаѓа
16.04.2021
Забележано е намалување на бројот на новозаразени во земјава, но бројот на починати е висок.
„По мини-пикoт што беше пред неколку дена, имаме намалување на бројот на заболени. Тоа значи дека мерките се добри, а со тоа се олеснува и работата на здравствените работници, се уште имаме приеми во болниците, но притисокот е намален.Ова се знаци дека овој бран стивнува“, рече Филипче.
Филипче информираше дека на 28 април во земјава ќе пристигнат 200.000 вакцини од Кина.
„Следната недела според најавите од „Фајзер“ на 19 април, треба да пристигнат 10.000 вакцини, понатаму на 26 уште 10.000 и утрово стигна потврда од кинеската амбасада дека целокупната количина од 200.000 кинески вакцини треба да пристигне околу 28 април“, додаде Филипче.
Според планот веќе на хартија имаме обезбедено 2 милиони и 600 илјади вакцини, од Фајзер, преку Ковакс, руски Спутник, кинески Синофарм и Синовак и од ЕУ.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 145.001, бројката на оздравени пациенти е 120.707, на починати е 4.357, а бројот на активни случаи изнесува 19.937.