Минатата година доставени 300 претставки до АЗЛП, 85 проценти од нив се поради злоупотреба на лични податоци на социјални мрежи
Најголем број од претставките за злоупотреба на лични податоци што лани стасале до Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) се однесуваат на социјалните мрежи, а дел од пријавите се однесуваат на деца. Од јануари до ноември 2022 година, полицијата поднела кривични пријави за регистрирани 12 кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ извршени преку навлегување во компјутерски информатички систем, согласно член 149 ст.2 од Кривичниот законик, за кои кривично се пријавени 15 сторители.
-Во 2022 година доставени се 300 претставки од граѓаните, од кои околу 85 проценти се однесуваат за социјални мрежи кои ги добиваме од граѓани кои бараат заштита поради тоа што некој незаконски објавил нивни лични податоци, видеа, фотографии, аудио снимки на социјалните мрежи или други веб страници на интернет (Facebook, Instagram, YouTube, Twitter, Pornhub, Snapchat, Tinder, Xhamster итн), без нивно знаење и согласност, што го повредува нивното право на приватен живот, како и случаи кои се однесуваат за навреда, клевета и уцена преку интернет, вели во изјава за МИА Емилија Гиноска, лице за односи со јавност на АЗЛП. Дел од пријавите што ги добиле во Агенцијата се однесуваат на деца.
Во однос на случаите кога се работи за лажни профили на социјалните мрежи, Агенцијата го контактира техничкиот тим на социјалните мрежи и со заедничка соработка тие профили се отстранети откако тие ќе утврдат преку постапка дека тоа навистина се случило.
Ова е од помош да се забрза постапката кога постои сериозна повреда на нивните права или за оние граѓани кои не знаат како самите да го направат тоа, вели Гиноска.
Граѓаните при користење на интернет, вели таа, треба да постапуваат со соодветно зголемено внимание и и да не ги даваат своите лични податоци, фотографии, видеа преку интернет на непознати или недоволно познати лица без да знаат со кого комуницираат, да внимаваат со кого комуницираат и споделуваат приватни информации, да ги заштитат своите профили на социјалните мрежи со нагодувања кои ќе ја заштитат нивната приватност, да користат сложени лозинки, кои повремено се менуваат и да не вршат уплати на средства под закана и на лица и компаниии кои не им се познати.
Извор: МИА
Дума.мк