Минатата недела коронавирусот најмногу се ширел кај населението од 20 до 29 години
Според информациите на ИЈЗ минатата недела најмногу вирусот се ширел кај населението од 20 до 29 години.
За само една недела во земјава починаа девојчиња на возраст од 16 и 17 години, по компликации од Ковид-19.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 16 годишна пациентка од село Сиричино тетовско, информираат од министерството за здравство.
-Пациентката со многу тешка клиничка слика со возило на Итна Помош е донесена на Инфективна клиника, од КБ Тетово каде била од 21.10 до 23.10, а претходно била лекувана во домашни услови заради тегоби кои датирале 9 дена од иницијалниот прием во тетовската болница.
Според медицинскиот извештај, од КИБФС станува збор за исклучително тежок случај, кислородно зависна со тешка ковид пневмонија. Во текот на хоспиталниот престој од анализите е потврдена и белодробна тромбемболија. Во текот на лекувањето доаѓа до брзо прогресивно влошување на респираторната функција.
Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот ден дојде до драматично влошување на виталните параметри што доведе до срцево белодробно попуштање. Младата пациентка не била вакцинирана, посочуваат од МЗ.
Минатата недела, пак, почина 17-годишно девојче од Демир Хисар, имало дијабет и не било вакцинирано.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат почна постапка за да се утврди начинот на кој била лекувана 17-годишната девојка од демирхисарското село Сопотница, која пред неколку дена почина на Инфективната клиника од ковид-19. Малолетничката лекувањето го почнала со матичниот лекар во Демир Хисар, по што била хоспитализирана во Битола, а починала на Инфективната клиника во Скопје каде девојката ја изгубила битката со вирусот.
Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје – 3467, Куманово – 442, Велес- 337, Прилеп – 327 и Битола – 311.
Досега во земјата се направени вкупно 1.393.963 тестирања на КОВИД-19.Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 203.866, бројот на оздравени пациенти е 189.557, на починати е 7.178, а бројот на активни случаи изнесува 7.131.