МОН: Навремено се започнати и извршувани активностите за изработка на учебниците
Министерството за образование и наука, укажува дека согласно законските и подзаконските акти навремено се започнати и извршувани активностите за изработка на учебниците, усогласени со важечката наставна програма.
„Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А, секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што, исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници“, соопштуваат од МОН.
Посочуваат дека учебникот, како едно од наставните средства што се користи за постигнување на целите на воспитно-образовниот процес, треба да овозможи постигнување на националните стандарди на знаење, учење со разбирање и подигнување на креативноста, иновативноста и критичкото размислување кај учениците.
„Нагласуваме дека во тек е темелна реформа на образованието која наметнува одредени неусогласености да се надминуваат за да можеме да ја финализираме реформата, издигнувајќи го квалитетот на образованието, очекуваме од сите засегнати чинители да дадат поддршка, затоа што нашата цел, а веруваме и на сите останати – родителите, институциите, граѓаните, е учениците да стекнуваат знаења и вештини кои ќе ги направат рамноправни со нивните врсници од развиените земји“, додаваат од МОН.
Дума.мк