МТСП: Градиме систем кој е праведен и прилагоден на лицата со попреченост
Министерството за труд и социјална политика по наводите на Коалицијата „Менуваме“ во некои од медиумите, за „остварувањето на праватa за еднаквост, достоинствен живот и вклучување на лицата со попреченост во целокупниот јавен живот“, ја информира јавноста дека, согласно Програмата за работа на Владата на РСМ за 2022, предвидено е зголемување на правото на посебен додаток за 15 % за сите три категории на корисници на ова право, а измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата е влезен во собраниска процедура и обезбедени се средства за ова покачување со ребалансот на буџетот.
Исто така, доставена е измена и дополнување на Законот за социјална заштита со која се дополнуваат критериумите за користење на личната асистенција, односно дополнување со комбинираната попреченост, како и намалување на возрасната граница кај правото за траен надоместок за родители кои до 26-тата година се грижеле за дете со попреченост без да биде згрижено во институција, односно намалувањето е од 62 на 60 години за жени и од 64 на 62 години за мажи.
За измена на условите за користење на правото за попреченост планирани се активности во последниот квартал на 2022 година, со цел покачување на висината на правото во 2023 година, но и степенување на истото, согласно преостанатата функционалност и индивидуалните потреби на корисниците.
Целта на социјалната реформа не е само покачување на висината на правата, односно зголемувањето на пасивните мерки, туку и зголемување на обемот и достапноста до квалитетни услуги во делот на социјалната заштита, образованието и здравството, со што децата и лицата со попреченост на еднаква основа да користат услуги, да се стекнат со квалитетно образование и да се стекнат со вештини кои ќе им обезбедат влез на пазарот на трудот и да направиме самостојни активни граѓани.
Новите права и услуги за 2022 година коишто се договорени со другите министерства и фондови и со неколку здруженија на граѓани, се:
-ослободувањето од здравствената партиципација за лицата со попреченост над 26 години во вкупна висина од 16.000.000 денари,
-измена на правилникот за утврдувањето на список на поправки на ортопедските помагала за покривање на трошоците за сервис и поправка на говорниот процесор,
-намалување на времето за доделување на ортопедски помагала – чевли од 9 на 6 месеци,
-промена на критериумите за користење на личната асистенција, односно дополнување со комбинирана попреченост каде доминантна е телесната (која со оваа измена ќе може да ја користат и лицата со церебрална парализа),
-проверка на усогласувањето на висината на правата со трошоците за живот.
Она што е исто така многу важно е измената и дополнувањето на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде е определена цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните Дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно по корисник, платени преку Центрите за социјална работа.
Во моментот трите Министерства: МТСП, МОН и МЗ го подготвија правилникот за работа на Комисиите кои прават проценка по Меѓународната класификација на функционалности и истиот е на финално одобрување, по што овие Комисии ја преземаат обврската да го определуваат степенот на поддршка на децата со попреченост.
Во тек е изработка/воведување на Регистар за лицата со попреченост на кој се работи во МТСП, воведување на единствен систем на проценка на попреченост и реформа на системот за вработување на лицата со попреченост.
Обезбедени се средства за вработување на 500 образовни асистенти во наставата (218 милиони денари), а со ребалансот се обезбедени средства за дополнителни 225 асистенти, кои им се потребни како поддршка на наставниците во работата со учениците со попреченост.
Потпишан е договорот за лицата што користат Кохлеарни импланти за набавка на говорниот процесор.
Преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, со поддршка на Светска Банка развиена е услугата помош и нега во домашни услови и со ребалансот обезбедени се 27 милиони денари овие услуги да се плаќаат преку Буџетот на Министерството.
Во тек е и нов јавен повик на кој ќе може да се пријават сите Единици на Локална Самоуправа да развиваат социјални услуги во локалната заедница.
Завршено е идејното решение за реновирање на ЈУ Завод за рехабилитација Скопје, кој ќе прерасне во модерен центар за социјални услуги за што се обезбедени средства од 1,5 милиони евра од страна на ЕУД. Во тек е обезбедувањето на дозволите за адаптација на објектите и во текот на месец август ќе биде распишан тендер за изведување на градежните работи.
Дополнително, започна подготовка на нова Национална стратегија за лицата со попреченост 2022-2027година.
До крајот на годината планирано е обезбедување на обуки и понуда на работни места за невработените родители на децата со попреченост во услугите од социјалната заштита и во Дневните центри.
Досега се отворени 12 организациони единици за живеење со поддршка со капацитет од 60 лица, под ЈУ Специјален Завод Демир Капија.
До крајот на 2022 година ќе се отворат нови 10 станбени единици за живеење со поддршка за 50 корисници од Специјалниот Завод Демир Капија и ЈУ Завод за рехабилитација Скопје.
Министерството за труд и социјална политика е во постојана комуникација со здруженијата на граѓани за заштита на правата на лицата со попреченост, со Националните инвалидски организации, со родителските организации, а во насока во рамките на можностите на Буџетот да одговори на потребите и барања на децата и лицата со попреченост
Министерството е отворено за соработка со цел градење на систем кој е праведен, кој ги следи потребите на секоја индивидуа и врз основа на потребите да ги креира политиките и мерките во иднина.