Музичарите разочарани и револтирани – излегуваат на протест
Музичарите повторно излегуваат на протест, поради дел од новите ковид-мерки, со кои жива музика е дозволена на свадби и прослави, но не и во секојдневието, во угостителските објекти.
„Ова е нашето последно обраќање во кое ја користиме оваа интонација и динамика во изјавата! Како што и претходно потенциравме, ние како Здружение за унапредување на правата на сите музичари без разлика на националност и етникум, досега во целост се трудевме да изградиме коректен однос со надлежните институции следејќи ги сите протоколи во комуникацијата, конструктивно и достоинствено, одговарајќи на сите нивни задачи и предлози за наша организација, со цел да послужат како стожер во изградбата на функционална инфрастуктура во корист и заштита на цела една професија од непроценлива културна вредност. За жал исходот од нашите културни напори за позитивни резултати и со помош на државните органи да ја ублажиме болката од стрмниот финансиски пад и деградација на цел еден еснаф, го знаете сите. И покрај сите наши напори, не успеавме да ја рабереме логиката на последната официјална објава по одлуката на владата за олабавување на мерките. Зошто свадбите и музичарите кој настапуваат по свадби би биле привилегирани сега во однос на другите? Каде се протоколите за мали настани, кафичи, ресторани, ноќни клубови, барови, кафани, и други угостителски објекти, кои ви ги предадовме изминатото лето? До кога ќе трае оваа дискриминација, бидејќи за тоа се работи, ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА?“, велат од Здружението „Музика сега“.
Поради ова тие преку Здружението „Музика сега“ во петок 04.06.2021 најавуваат протести во Скопје и ги повикуваат сите кои работат во оваа индустрија да им се придружат.