На државна матура најмногу пријавени за полагање англиски јазик

Објавено на 17 мај, 2025 во 10:31

За полагање на двата екстерни испита од годинашната државна матура, што ќе се спроведе на 31 мај и 11 јуни, пријавени се 15 004 кандидати.  Од нив, 8816 ученици се од средните стручни училишта, 5966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.

-Подготовките за организирање на државната матурата течат согласно предвидената динамика. Се прават последните подготовки за реализација на испитите, изјави за МИА Даниела Јовчевска-Михајловска, директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ), две недели пред полагањето на првиот екстерен испит – мајчин јазик и литература, кој е задолжителен за сите ученици.

Според податоците на ДИЦ, 9969 ученици се пријавени за испитот по македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.

Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни. Како и во минатите години, и на оваа државна матура најголем број избрале да полагаат англиски јазик (13 457).

За тестот по математика се пријавиле 1246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 – француски јазик, 62 – естетика. За тестот по филозофија има седум кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик. За надгледување на испитниот процес, ДИЦ ќе ангажира околу 2000 тестатори.

Матурантите ќе ја полагаат државната матура во своите училишта доколку ги исполнуваат потребните стандарди за спроведување на испитите. За училиштата кои немаат просторни услови, ДИЦ ќе овозможи полагањето да се спроведе на факултетите врз основа на барања што му ги доставиле засегнатите училишта. Наскоро на својата веб-страница ДИЦ ќе објави распоред со локации односно учениците од кои училишта каде ќе полагаат.

Матурантите кои во јунската испитна сесија нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе можат да полагаат во августовската сесија – на 12 август е испитот по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, а на 14 август е полагањето на изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика).

Минатата 2023/2024 година, средната оценка од државната матура беше 3,25, во 2023 беше 3,65, во 2022 просечната оценка од испитите по сите предмети беше 3,78 и 3,61 во 2021.

Државната матура во нашиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Единствен пат не беше организирана на крајот од учебната 2019/2020 година поради Ковид-пандемијата.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.