Нафтени компании сакале да дојдат до поврат на ДДВ: УЈП спречи измама од над 160 милиони денари
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска информираше дека три нафтени компании се обиделе со лажни фактури да добијат поврат на ДДВ и исплати по основ на Данок на личен доход. Фирми од кумановско-липковскиот крај се обиделе преку лажни фактури и со поврат на ДДВ до УЈП да испумпаат пари од државниот буџет во вредност од 160 милиони денари или околу 2.6 милиони евра. Измамата не им поминала и државниот буџет не е оштетен со оглед дека ДДВ-то не било исплатено и наместо тоа фирмите добиле засилени контроли од УЈП.
Станува збор за три даночни обврзници и петмина добавувачи.
-Нема оштетување на Буџетот затоа што даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од 160. 117. 130 денари и за Данок на личен доход од 18 969. 998 денари, информираше Лукаревска.
Една од фирмите имала дејност трговија со нафта. За оваа компанија не постои никаква документација информираше Лукаревска. Сите адреси на кои ја сопствениот ја пријавил компанијата се фиктивни и не постојат. Немал ниту вработени, ниту складиште со нафта а во меѓувреме издавал и фиктивни фактури.
Кај првиот контролиран случај станува збор за утврдени неправилности по основ на ДДВ од 79.350.190 денари, во вториот од 26.090.205 денари, а во третиот случај за 54.676 милиони денари.
Како што соопшти Лукаревска, УЈП спровела постапка за присилна наплата на Данок на солидарност кај осум даночни обврзници, кај седум е завршена и останува уште еден од трговија со дрва, градежен материјал и санитарна опрема, а кој треба да уплати уште шест милиони денари.
На почетокот на декември 2023 година, првиот човек на УЈП истакна дека се во фаза на откривање на еден специфичен ланец на компании кои се обиделе да ја изиграат државата.
-За десетина дена ќе објавиме, работиме на специфичен ланец на нафтени компании кои се обиделе да го изиграат системот. Ние ќе ги споделиме сите факти и записници до надлежните компании, рече Лукаревска во дебатна емисија.
Според директорката на УЈП, имало обид да се сокрие данок во сметководствената евиденција.
Дума.мк