Не се очекува нов силен бран на Ковид-19
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека не се очекува нов силен бран на ковид-19, но не треба да се опуштиме. Тој го потенцира фактот дека вакцинацијата игра голем удел, што се покажа и во изминатиот период, кога во градовите каде што има висок процент на имунизирани граѓани немаше притисок врз болниците.
-Навистина е тешко да се каже, овој бран беше силен и имаше голем број на новодијагностицирани и пациенти на кои им беше потребно болничко лекување само во градовите каде што е низок опфатот со вакцинација, а во градовите каде што беше повисок немаше метежи во болниците. Сега на територија на државата е пораснат опфатот со вакцинација, сметам дека силен бран не би требало да има, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни и да ја следиме состојбата. Очигледно е дека вакцинацијата го прави своето, очигледно е дека има ефект, тоа е докажано. Во овие градови со висок опфат болниците воопшто не се преоптоварија. И доколку се заразат вакцинирани лица, тоа ќе биде со полесна форма на болеста и тоа е нешто што е случај и во другите земји каде што прилично е висок опфатот со вакцинација. Да резимирам, не очекуваме силен бран односно притисок во болниците, но ние сме спремни да се прифатат пациентите во кој било град, изјави Филипче.
Активни Ковид-случаи има 6.589 во целата држава и од нив 3.323 се во главниот град. Трицифрени активни имаат Куманово (544), Велес (290), Охрид (206), Струмица (200), Битола (197), Штип (195), Тетово и Прилеп по 183, Кавадарци (153), Кичево (131), Кочани (125) и Крива Паланка (120).
Од почетокот на епидемијата во земјава во февруари минатата година, коронавирусот е потврден кај 195 542 луѓе од направени 1.330.304 тестирања. Починале 6.875 пациенти, а 182.078 се регистрирани.