Објавен конкурсот за прием на студенти во студентски домови
Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за студиската 2023/2024 година денеска е јавно објавен. Заинтересираните студенти треба да пристапат на веб-страницата на Министерството за образование и наука. МОН соопшти дека слободни се вкупно 4.480 места за сместување во домовите во Скопје, Битола Охрид, Прилеп, Штип и Тетово.
Студентите апликанти потребно е да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на веб-страницата Е-услуги.
За потребите на студентите во државата, за студиската 2023/24 година, ставени на располагање се вкупно 4.478 слободни легла. Од нив слободни места има за 1.093 студенти запишани во прва година и 3.385 за запишани од втора до шеста година на студии како и за апсолвенти.
Во домовите во Скопје, 1.178 легла има во „Гоце Делчев“ (од кои 235 за бруцоши и 941 за студенти од повисоките години на студии); во „Стив Наумов“ – трета зграда има вкупно 369 и за нови бараки 138; во „Пелагонија“ има вкупно 997 места и 370 во „Томе Стефановски-Сениќ“. Во ДСД „Кочо Рацин“ во Битола се слободни вкупно 385 места; 242 во ДСД „Никола Карев“ – Охрид; 335 во „Орде Чопела“ – Прилеп. Во државниот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип има места за сместување 236 студенти, а места има и во два приватни дома во Штип – 60 во ПСД „Хилјадников“ и 52 во ПСД „Логос’. Во ПСД УЈИЕ Тетово има вкупно 120 места за сместување студенти во академската 2023/2024 година – велат од МОН.
Списоците ќе бидат објавени на огласни табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на веб-страницата на МОН. Приговорите по резултатите ќе се поднесуваат во самиот дом каде што студентите аплицирале, во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.
Извор:МОН
Дума.мк