Од понеделник започнува пролетниот распуст, учениците на настава ќе се вратат на 7 мај
Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година.
Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.
Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.
Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.
Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.
За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.
-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.
Дума.мк