Пендаровски: Со имплементацијата на Охридскиот договор се намалуваат внатрешните конфронтации по етнички линии

За Охридскиот договор коментарите надвор од земјата беа позитивни, речиси, без исклучок, меѓутоа, внатре во земјата, тие не можат да бидат поразлични, не само меѓу политичките субјекти. За жал, ставовите за договорот, и по 20 години, најчесто се поврзани со етничката припадност на граѓаните или политичарите, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Конференција “После Охрид” по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.
-Сепак, и во тие рамки, постои и една позитивна тенденција, имено, во првите неколку години по потпишувањето, мнозинство етнички Македонци го ставаа договорот во групата на најголемите безбедносни закани за државата. Нивниот став произлегуваше од стравот дека имплементацијата на Рамковниот договор ќе го трасира патот за брза дезинтеграција на земјата затоа што Македонија за Албанците, наводно, е само транзиторен ентитет. Меѓутоа, она што се случуваше во годините потоа, покажа дека иако потенцијалот на договорот за засилување на кохезијата на општеството во целина, не е голем, факт е дека со секоја фаза од неговата имплементација не се зголемуваа, туку, напротив, се намалуваа внатрешните конфронтации по етнички линии, рече Пендаровски.
Тој додаде дека дури и повеќе, политички и безбедносни тензии, од време на време се јавуваа поради контрадикторните интерпретации на неговите клучни одредби, а, не заради имплементацијата на договорот.
–Солиден аргумент во прилог на оваа теза е дека и тогаш и денес, дури и неговите најжестоки критичари не се во состојба да понудат оддржлива алтернатива на неговата базична логика. При тоа, успехот во имплементацијата на договорот, кој е неспорен, не се должи на неговата беспрекорна нормативна структура или на уникатните политички решенија, затоа што неговите клучни одредници, со мали модификации, ги има во сите такви, слични документи со кои завршуваа конфликтите, не само во нашиот регион, на пример, во Договорот за мир во Северна Ирска од 1998-та. Решавачко беше тоа што оние кои го потпишаа немаа намера да ја фингираат неговата реализација и едно да зборуваат пред странците, а друго да прават пред својот домашен електорат. Се разбира, критичен предуслов беше синхронизацијата на европскиот и атлантскиот дел на западната алијанса што се случи навреме за разлика од балканските конфликти во 1990-тите, рече Пендаровски.
