ПМ: Климатскиот пакт од Глазгов ја одржува критичната цел за глобалното затоплување од 1,5C во живот
Премиерот Борис Џонсон го поздрави историскиот договор усвоен на КОП26 денес, со кој се одржува во живот целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5C под услов земјите да продолжат да преземаат амбициозни акции во текот на следната деценија.
Во изминативе две недели, десетици илјади луѓе од 196 земји се собраа во ОК за да испишат историја. „Климатскиот пакт од Глазгов“ постигнат вечерва ги обврза земјите постепено да го намалат јагленот, ја поддржа правичната транзиција за земјите во развој и акцијата за справување со загубите и штетите, и за првпат усогласи заедничка временска рамка и методологија за националните обврски за намалување на емисиите.
Од суштинско значење е тоа што од земјите, исто така, се бара следната година да се вратат со поамбициозна цел за намалување на емисиите во 2030 година (нивниот национално определен придонес) во согласност со целта од 1,5C, со што ќе се гарантира одржувањето на суштинскиот импулс на климатските акции во оваа деценија. Обединетото Кралство ќе продолжи да се залага за поголема акција за намалување на емисиите и поддршка на земјите во развој со финансии и пристап до нова зелена технологија во текот на следната година на нашето претседателство со КОП, пред Египет да ја преземе организацијата.
Премиерот Борис Џонсон рече:
„Побаравме од земјите да се соберат за нашата планета на КОП26 и тие одговорија на тој повик. Сакам да им се заблагодарам на лидерите, преговарачите и борците кои направија овој пакт да се оствари – како и на луѓето од Глазгов кои ги пречекаа со раширени раце.
Исто така, сакам особено да му се заблагодарам на претседателот на КОП, Алок Шарма, кој работеше неверојатно напорно за да ги зближи земјите.
Има уште многу да се направи во наредните години. Но, денешниот договор е голем чекор напред и, клучно е тоа што го имаме првиот меѓународен договор за постепено укинување на јагленот и патоказ за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени.
Се надевам дека кога ќе погледнеме наназад кон КОП26 во Глазгов ќе го гледаме како почеток на крајот на климатските промени и ќе продолжиме неуморно да работиме кон таа цел.“
Усогласениот текстот договорен оваа вечер е резултат на серијата ветувања и најави дадени за време на самитот на светските лидери КОП26 и тематските денови, кои поттикнаа трансформативна акција за јагленот, автомобилите, парите и дрвјата и означија промена во односите меѓу луѓето и планетата.
- Во однос на јагленот, 65 земји сега се обврзаа постепено да ја укинат употребата на енергија од јаглен. Сите големи земји кои го финансираа јагленот се обврзаа да го прекинат меѓународното финансирање на јагленот до крајот на 2021 година, со финансирање од 20 милијарди долари за поддршка на транзицијата кон чиста енергија објавена на КОП26. Сега треба повеќе да се работи на приклучувањето на сите главни емитери во иницијативата за постепено отстранување на јагленот.
- За автомобилите, работевме на градење на консензус за темпото на транзиција кон возила со нулата емисија. Над 30 земји и некои од најголемите светски производители на автомобили се обврзаа да работат заедно продажбата на сите нови автомобили да биде со нулата емисија до 2040 година, односно до 2035 година на водечките пазари, надградувајќи се на посветеноста на Обединетото Кралство да стави крај на продажбата на сите нови автомобили со погон на бензин и дизел до 2030 година.
- За парите, повеќе јавни и приватни финансиери се мобилизирани за поддршка на климатските акции во земјите во развој од кога било досега, а глобалниот финансиски систем се хармонизира со светот на нулта емисија. Новите ветувања дадени на КОП26 нè доближуваат до исполнување на годишната цел за климатско финансирање од 100 милијарди долари следната година и гарантираат дека потоа ќе ја надминеме, како и дека ќе мобилизираме милијарди од приватни финансии и зелени инвестиции. Владите се обврзаа да ги удвојат вкупните финансии за адаптација и подобро справување со заканата од загуба и штета во климатските ранливи земји – сега ќе работиме со сите земји за да ги исполниме тие ветувања.
- И за дрвјата, повеќе од 130 лидери, кои претставуваат над 90% од светските шуми, на КОП26 ветија дека ќе стават крај на уништувањето на шумите до 2030 година, поддржани од речиси 14 милијарди фунти од јавно и приватно финансирање.
Самитот КОП26 следи по речиси две години интензивна глобална климатска дипломатија, предводена од претседателот на КОП од Обединетото Кралство, Алок Шарма, со цел да се слушнат потребите на ранливите земји кога станува збор за климата и да се поттикнат големите економии да преземат поголема акција за намалување на емисиите. Најмалку 90% од глобалната економија сега е покриена со обврските за нулта емисија, за разлика од 30% кога Обединетото Кралство го презеде претседателството со КОП во 2019 година, а 154 земји и страни кои претставуваат 80% од глобалните емисии поднесоа Национално определени придонеси (НОП).
Обединетото Кралство ќе продолжи да работи со другите земји во спроведувањето на Климатскиот пакт од Глазгов и во поттикнувањето на понатамошни активности, непосредно соработувајќи со Египет кој ќе го преземе претседателството со КОП во ноември 2022 година.