Почина новинарката Весна Крстева, главен уредник на „Канал 77“
На педесет и седум годишна возраст,утринава,по кратко боледување почина новинарката Весна Крстева. По 28 години плодна радиска кариера, која траеше се’ до петокот, 15 септември, кога, и самата незнаејќи, се одјави со своите последни вести на националното радио. Крстева на уредничкото место беше 13 години.
„Секој кој ја познаваше лично, знаеше дека беше најпозитивниот човек, насмеана дури и во најтешките моменти. И ова не е фраза. Избираше да го гледа доброто кај луѓето, така и живееше. Свртена кон своите професионални обврски и желбата за што подобра иднина на семејството, кон своите две деца, кои пораснаа во прекрасни личности.
Новинарството е професија во која Весна целосно ја предаде својата личност и преку проектот кој и’ ја даде целата новинарска слава со циклусот емисии „Судбо, моја судбино“. Преку неа откри многу мали-големи луѓе, зборуваше за животот и нивната судбина, животниот пат. Беше вљубеник во литературата, извонредно ги паметеше настаните и луѓето и често се шегуваше дека во пензионерските денови ќе се посвети на славните жители на штипско Ново Село, каде живееше. Првата книга требаше да биде посветена на нејзиниот свекор, Трајче Крстев – Бирија и славните новоселски изрази.
Весна знаеше да каже „Ај па ти, има и потешко“, да одмавне со рака и да сврти нов лист. Да даде нова енергија и оптимизам и така до последниот ден,“ напишаа колегите од Канал 77.
Погребот на новинарката Весна Крстева ќе се одржи утре (27 септември) на Градските гробишта во Штип, во 13 часот. Семејството на Весна Крстева ќе прима сочувство во Градската капела од 12 до 13 часот.
„Весна Крстева, патувај меѓу ангелите! Нека ти е светол патот!“, напишаа колегите од Радио „Канал 77“.
Дума.мк