Локалните избори треба да се распишат до следниот понеделник или да се одложат

Објавено на 27 февруари, 2017 во 19:13

Сè додека не се разјасни каков ќе биде составот на евентуалната идна владина коалиција, Собранието останува брз својот прв човек. А, според изборниот законик, токму спикерот најдоцна до понеделник треба да ги распише редовните локални избори. Од Државната изборна комисија велат дека последниот датум за тоа е 6 март, со што би се испочитувал и законскиот рок за изборите да се одржат во првата половина од мај, пишува АлсатМ.

Според Изборниот законик, откако претседателот на Собранието ќе ги распише локалните избори, почнуваат да течат и роковите за подготовка на изборите и нивното спроведување. Професорот Никола Дујовски смета дека партиите веќе се договориле новиот претседател на Собранието да биде избран во текот на следните неколку денови и оти истиот ден би можеле да бидат распишани и локалните избори. Нивно евентуално одложување би барало и измена на Изборниот законик, процес кој може да ја комплицира ситуацијата.

За време на преговорите партиите не дискутираа за државните функции, вклучувајќи го тука и претседателот на Собранието. Сепак, функционери од партијата на Ахмети уште од почетокот на преговорите изјавуваа дека е време со законодавната власт да раководи Албанец. Во меѓувреме, со ажурирањето на Избирачкиот список по парламентарните избори, околу 30 илјади спорни гласачи повторно ќе се здобијат со право на глас. Претходните локални избори во земјава се одржаа на 24 март 2013 година.

Извор: АлсатМ

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.