Заев најави Влада до среда вечер и прва мерка укинување на екстерното

Објавено на 29 мај, 2017 во 16:38

Мандатарот и претседател на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека очекува новата влада да биде избрана најдоцна до задутре навечер, согласно роковите, а прва обврска да биде укинување на екстерното оценување.

– Седницата е закажана за утре, а рокот да се избере е 48 часа, што значи дека до среда вечер треба да завршиме со изборот на владатa. Тоa се максималните рокови. Се надевам дека нема да мора да бидат искoристени максималните рокови заради тоа што праксата покажала и пократко времe од тоа што е предвидено во деловникот, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања, откако во Обвинителство за организиран криминал и корупција даде исказ за кривичната пријава која СДСМ ја поднесе за судир на интереси на пратениците и министри.

Веднаш по изборот на владата, како што истакна Заев, ќе следи укинувањето на екстерното тестирање на учениците.

Според мандатарот Заев, најглавната работа на новата влада ќе биде во две насоки, комплетно реализирање состаноци и екипирање на тимови заради реформите, и унапредување на севкупниот квалитет на животот на граѓаните и еднаквоста во општество, а пред се социјалната.

Како што информираше Заев, во обвинителството ги кажале нивните видувања во однос на пријавата на СДСМ за воочување судир на интереси во којшто, посочи, исти личности ги правеле во период додека биле пратеници со верификувани мандати и членови на Владата на Република Македонија.

– Се надеваме дека Обвинителството за организиран криминал ќе направи истрага и ќе ги утврди незаконитостите кои што се направени. Се работи за четворица, пријавата се однесува на техничкиот премиер Емил Димитриев, министерот за здравство Никола Тодоров, министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, изјави Заев

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.