Православен календар: Денес се празнуваат Светите Козма и Дамјан
Бесребреници и чудотворци. Браќа по тело и по дух, родум негде од Азија, од татко незнабожец и мајка христијанка. По смртта на татко им, нивната мајка Теодотија целото време и труд ги даде на тоа да ги подигне и воспита синовите како вистински христијани.
И Бог ѝ помогна, та нејзините синови израснаа како две слатки овошки и како два светилника на светот. Беа научени на лекарската вештина и бесплатно им помагаа на болните не толку со лекови колку со името на Господ Исус Христос.
Ги нарекоа бесребрени лекари, бидејќи лечеа бесплатно и така ја исполнуваа Христовата заповед: „Бесплатно примивте, бесплатно давајте!“ (Матеј 10, 8). Беа толку внимателни во бесплатното лечење на луѓето што Козма вистински се налути на својот брат Дамјан зашто овој зеде три јајца од една жена Паладија, па нареди Козма по неговата смрт да не го закопуваат до брат му Дамјан.
Всушност, свети Дамјан не ги зеде оние три јајца како награда зашто ја исцели болната Паладија, туку затоа што таа го заколна со Пресвета Троица да ги земе оние три јајца. Сепак, по нивната смрт, во местото Фереман беа закопани заедно според Божјо откровение. Овие свети браќа беа големи чудотворци и за време на животот и после смртта.
На еден слуга на спиење му се беше вовлекла змија низ устата во стомакот и кутриот човек ќе издивнеше во најтешки маки, ако во последен миг не ги повикаше на помош светите Козма и Дамјан. Така ги прослави Господ со чудотворство засекогаш оние коишто Го прославуваа Бога на земјата со вера, чистота и милост.