Радичевска: Психолошката поддршка за пандемијата лани беше за стравот и стресот, а сега за револтот
Речиси и да нема интерес за психолошко советување поради страв и стрес од пандемијата, кој постоеше минатата година во овој период. Сега една година подоцна кај луѓето има повеќе револт. Ова го велат претставниците на Здружението на психолози, советници и психотерапевти „Кортекс” од Тетово кои минатата година даваа бесплатна поддршка и помош на граѓаните во насока на надминување на стресот или стравот од коронавирусот. Психологот Билјана Радичевска, која била задолжена за комуникација со заинтересираните со термини во сабота, објаснува дека во почетокот на иницијативата голема била желбата на тетовци да зборуваат за стравувањата поради коронавирусот.
-Првите недели имаше одзив, дури и од дијаспората. Околу сто се јавиле. Психолошка поддршка околу 15 минути -20 минути преку разговор. Им беше страв како ќе поминат со короната. Зборуваа дека не знаат дали имаат претходни болести, што доколку се јави нешто, што доколку нешто се случи. Плус изолацијата беше многу фобична, поставуваа прашања, што ако не оздравам, во тој смисол, ако се случи да изгубам работа, дали ќе останам дома, како ќе биде понатаму. Имаше генерално од сите можни аспекти. Децата дали ќе се разболат, како ќе биде, како ќе се излечиме, дали ќе може здравството да издржи, објаснува Радичевска.
После една година од пандемијата таа вели дека кај луѓето сега влијае тоа што состојбата се повеќе се оддолжува па наместо за стравот и стресот сега луѓето повеќе зборуваат за револт од случувањата.
-Затоа што после една година се најавува дека ќе биде уште една па уште една. И револтот кај луѓето нормално дека ќе се зголеми. Што доколку начинот на живот се промени. Ние сме прилагодливи како луѓе, ама ова е подрастичен начин каде што ние треба да се прилагодиме на новиот начин на живот. Дистанца, носење редовно маска. После година и нешто имаме не само заболени туку и голем број починати, вели психологот Билјана Радическа.
Таа советува дека какви било емоции и состојби да чувтсвуваат луѓето поврзано со пандемијата добро би било да се побара стручна психолошка помош.
-Кај луѓето кај кои се јавува страв, не е лошо да се побара стручно лице, психолог, да почнат да разговараат. Во тој смисол повеќе се плашат да се побара стручна помош, па некогаш и еден разговор може да помогне да подобро да се чувствуваат. Ова го покажува фидбекот од претходните разговори за поддршка. Ако еден се јавеше повеќе пати тогаш некако, ќе рече полесно ми е кога разговарам со тебе како да добивам утеха. Добро е што некој може да ми каже, да ме подржи, беше фидбекот од соговорникот. Ние како психолози сакаме да ја покренеме нивната само поддршка. Неблагодарно е јас ако сега му кажам некакви „точни информации”. Јас ја покренувам кај човекот, да има самоподдршка во однос на моменталната психичка ситуација. Пример во долгите полициски часови во викендите можеше да се изработи некои работи за кои дотогаш не им текнувало дека може да се изработа, потенцира Радичевска.
Здружението со својот тим на психолози беше на располагање на граѓаните за советување и поддршка преку онлајн платформите, а со ограничено време на телефон.