Рендевска: Инспекторите ќе ја следат состојбата со цените на терен, очекуваме и маркетите да бидат во функција на граѓаните
Инспекцискиот совет најавува дека ќе ја следи состојбата со цените на прехранбените производи по прекинување на важноста на мерката за гарантирани цени, но оттаму велат дека треба малку да се остави и на совеста на производителите и на трговците кои треба да бидат во функција на граѓаните.
-Сведоци сме дека Државниот пазарен инспекторат во изминатиов период беше активно на терен и тоа најдобро можеа да го почувствуваат граѓаните бидејќи постојано ги контролираше гарантираните цени. Сега малку да оставиме и на совеста на субјектите на надзор, односно на производителите и на трговците. Во очекување сме на донесување на системско решение на Законот за забрана на нефер трговски практики особено во трговијата со земјоделски и прехранбени производи. Секако, инспекторите од Пазарниот инспекторат и понатаму будно ќе ја следат ситуацијата на терен и се надеваме дека и субјектите на надзор, односно маркетите ќе бидат во функција на граѓаните, изјави денеска претседателката на Инспекцискиот совет Даниела Рендевска.
Мерката за гарантирана цена на дел од прехранбените производи, како лебот, млекото, јогуртот, тестенините,…, дел од месните производи, како и на безалкохолните пијалаци и пивото од утре нема да важи. Истекува и рокот на владината одлука со која беа намалени увозните давачки за зеленчукот. Надлежните најавуваат засилени контроли за да се интервенира во случај на драстично поскапување на производите, со оглед дека законот за нефер трговски практики, со кој се очекува да се амортизира состојбата, се уште не е изгласан.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера порача дека секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни. Тој ги повика да реагираат Комисијата за заштита на конкурентноста и Организацијата за заштита на потрошувачи.
Дума.мк