Се породи 52-годишна жена од Кочани и стана најстарата родилка во земјава
Објавено на 28 јули, 2021 во 11:45
Од гинеколoшката болница „Мајка Тереза“, во скопската општина Чаир, соопштија дека се породила 52-годишна жена од Кочани, со што стана најстарата родилка во земјава.
Целата процедура, од ин витро оплодување до породување, е извршена од страна на д-р Зоран Илиевски и целиот тим на болницата. Ова била прва бременост на родилката која на свет донела здраво девојче.
Ова е второ породување на постари од 50 години. Пред 6 дена, педесетгодишна жена која 27 години водела битка со стерилитет се породила во истата болница.
„Таа е од Кичево, а се породи завчера. Жената и бебето се во добра здравствена состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома“, соопштија пред неколку дена од болницата.