Се враќа мозаикот во Теодосијанската палата во Археолошкиот локалитет „Стоби“ пред почетокот на Фестивалот на античка драма
По направените археолошки истражувања се враќа мозаикот на старата подлога во просторија 2 на Теодосијанската палата во Археолошкиот локалитет „Стоби“. Во најрепрезентативниот резиденцијален објект на Стоби, сместен во центарот на градот, неделава археолозите ќе ги завршат предвидените работи. Теодосијанската палата ќе биде местото на кое ќе се играат претстави на годинешното издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2021“. Ресорното министерство, годинава, за овој проект и додели 200.000 денари на Националната установа „Стоби“.
Оваа национална културна установа изработува Основен проект за конзервација, реставрација и презентација на античката синагога од Стоби што чини 60.000 денари како и на доистражување и конзервација на римскиот мозаик од источната страна на внатрешниот бедем. Министерствотон овие два проекти ги финансира со поддршка од 60.000 денари за првиот и за вториот 300.000 денари.
-Последниот проект всушност овозможува работа на мозаик што се наоѓа од надворешната страна во продолжението на Градба со арки бидејќи е пресечена со бедем којшто служел на заштита на „Стоби“ од поплави во четврти и петти век па така врз просторијата го изградиле бедемот. Интересно е што бедемот минува на средина на мозаикот. Така тој со еден дел се наоѓа внатре, во градбата со арки додека со другиот дел надвор од градба со арки. Всушност станува збор за најголемиот мозаик од античкиот период во археолошкиот локалитет. Го отворивме и откривме многу интересен материјал откако во 1970 година делумно беше отворен од американски археолози. Сега наодите ќе треба да се подготват за презентација, рече Спасе Перовски директор на НУ„Стоби“.
Станува збор за импозантен мозаик со геометриски мотиви што преовладуваат на целата површина.
Исто така, по минатогодишната интензивна работа на јужниот градски бедем и римската порта во „Стоби“ , продолжува конзервацијата и реставрацијата кои понудија интересни податоци додека траат археолошките истражувања. За оваа намена ресорното министерство, за годинава, издвои 1.500.000 денари.
Во исто време на Археолошкиот локалитет се изведуваат и археолошки истражувања на просторот предвиден за паркинг поточно од постоечкиот до позицијата на која се наоѓа Градската римска порта.
-Во тој дел сакаме да направиме приод и презентација за што се изработува проектна документација со цел да утврди каде точно ќе биде паркингот, во колкав обем, а она што за нас е значајно е да утврдиме дали на тој потег има археолошки остатоци во земјата што всушност ја сочинуваат насипи од претходни ископувања. Сме во фаза на утврдување, сондите се веќе почнати и очекуваме до крајот на месец септември, годинава, точно да знаеме каков ќе биде изгледот на паркингот, додаде директорот Перовски.
Ова е само дел од вкупно 17 проекти на кои што годинава работи Националната установа за управување со археолошкиот локалитет„Стоби“ финансирани со вкупно 6 милиони 650 илјади денари од Министерството за култура.
Убавка Јаневска