Шпанија ќе воведе тридневно боледување за жените со болна менструација
Шпанија најверојатно ќе стане првата западна земја што ќе нуди слободни денови за жените кои имаат болен менструален циклус. Имено, жените кои се во работен однос ќе може да земат најмногу три слободни дена месечно доколку имаат болки, пишува „Euronews“, повикувајќи се на шпанскиот весник „Еl Pais“.
Се очекува шпанската Влада да ја одобри новата мерка следната недела. Ваква мерка веќе постои и во други земји ширум светот, вклучувајќи ги Јапонија, Јужна Кореја, Индонезија и Замбија.
Во рамките на реформите најавени во Шпанија, училиштата ќе мора да обезбедат влошки за ученичките. Исто така, ќе биде отстранет и данокот на влошките и тампоните, кои ќе им се делат бесплатно на жени од маргинализирани групи.
Околу третина од жените кои менструираат, патат од силни болки, односно дисменореа, покажуваат гинеколошките податоците преземени од шпанското здравство. Симптомите вклучуваат болка, дијареја, главоболки и промени на телесната температура.
Државната секретарка за еднаквост и против родово насилство, Анџела Родригез откри дека новите мерки имаат цел да го подобрат менструалното и репродуктивно здравје на жените во земјата.
„Тука не станува збор за мали непријатности, туку сериозни симптоми
…
Правата поврзани со менструалното здравје никогаш не биле дискутирани, а податоците се застрашувачки. Секоја четврта жена не може да ги купи хигиенските производи поради финансиски причини. Затоа предлагаме тие да се делат бесплатно во едукативните и социјални центри“, изјавила Родригез.