Со ноќен радар 142 санкции за брзо возење на територија на цела држава
Министерство за внатрешни работи со посебно опремен радар за днимање во ноќни услови, во текот на вчерашниот ден, од 21:00 до полноќ, спровеле зајакната акциска контрола на територија на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 142 возачи.
-Од нив, две возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. При тоа 122 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 20 надвор од населено место, пишува во соопштението на МВР.
Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, порачаа од МВР.