Станков: Kај сите настрадани во пожарот во Кочани констатирана насилна смрт од задушување

Објавено на 21 март, 2025 во 14:01

Кај сите 59 настрадани во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани причина за смртта е насилна и е настаната поради насилно задушување, дирекно поврзано со пожарот. Ова го соопшти на денешната прес конференција раководителот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.

„Кај дел од нив се пронајдени изгореници од прв и втор степен, кај тројца и изгореници од 4 степен. Но, причината за смрт е задушување. Обдукциите започнаа во вечерните часови на 16 март, а завршија на 18 март. Паралелно со вршење на обдукцијата беше собиран материјал и вршена идентификација на жртвите. Првичната идентификација беше вршена во болниците каде беа однесени жртвите, но таму се вршеше идентификација со помош на препознавање и лични документи пронајдени кај починатите. Во услови на ваква динамика тие методи не се доверливи и може да се случат грешки. Затоа и една од целите беше да се изврши идентификација, за која употребивме две методи со помош на ДНК и дактилоскопи. Идентификацијата беше комплетно потврдена на 19 март. Се проверуваа неколку пати, за да се избегнат грешки,“ додаде Станков.

Тој додаде дека била направена обдукција на 59 лица, најголем број од нив, односно 70% на возраст од 16 и 29 години. Од починатите 16 се припаднички на женски и 43 на машки пол.

„Во наредниот период во текот на месец март очекуваме да бидат завршени сите извештаи во врска со направените одбукции. Може ќе ни треба повеќе време да се извршат токсиколошките анализи кои реално бараат време. Облеката и личните предмети на починатите кои се пронајдени за време на обдукциите се на Институтот и се во надлежност на Јавното обвинителство, бидејќи можат да бидат земени и како докази во судската постапка, додаде Станков.

Раководителот на Институтот за судска медицина истакна дека за одбукцијата и идентификацијата на починатите биле формирани шест тимови составени од експерти од Судска медицина, патолози и вклучени тимови од Министерство за внатрешни работи.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.