Св. великомаченик Георгиј Победоносец – Ѓурѓовден

Празникот на Св. великомаченик Георгиј Победоносец – Ѓурѓовден, се празнува на 6 мај според новиот, односно на 23 април според стариот календар. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското, туку и целото население во Македонија, што од друга страна значи дека во негова основа е празнувањето на природата, на разубавувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
На иконата Св. Георгиј е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја која е под копитата на коњот. И според легендата Св. Георгиј ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Во позадина се гледа женски лик. Тое е царицата Александра. Свети Георгиј бил убиен на 23 април по стариот, односно на 6 мај по новиот календар во 290 година, и на овој ден секоја година се празнува споменот на великомаченикот. Освен овој празник нашиот народ го празнува и 16/3 ноември, денот кога е обновен храмот на Св. Ѓорѓи познат како Ѓурѓиц.
На Ѓурѓовден се изведуваат многу обичаи. Ниту за еден празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа со цел да се осигура напредок, плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и успех на луѓето. Кај нашиот народ за Ѓурѓовден се главуваат момоци, овчари, селски одборници, полицајци и сл. Обичаите сврзани со овој празник почнуваат ден порано на 5 мај кога се оди “на потка“. Тогаш се берат лескови прачки со кои се закитуваат куќите. Според верувањето потката штити објектите и предметите од разни опасности, а нивите и родот од штетач пороен дожд, болести, инсекти…
Вапцувањето јајца со црвена боја има посебно место во ѓурѓовденските обичаи исто како и со велигденските. Јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој не смее да ги види се до утрото. Утрото пак кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите: “Црвено бело дебело“, што значи децата да бидат дебели, здрави и црвени како јајцето.
Дума.мк
