Десетици суспендирани во измамничкиот скандал на Универзитетот Харвард!
Околу 60 студенти на Универзитетот Харвард се суспендирани, а други се под дисциплински мерки во големиот измамнички скандал за помагање на финалниот испит на елитниот колеџ, пренесе австралиски News повикувајќи се на сооштение на универзитетската администрација.
Деканот на Факултетот за уметност и наука Мајкл Смит им кажа на вработените и на студентите на универзитетот во близина на Бостон дека „во повеќе од половина случаи кои се под истрага, на студентите им е наложено да се повлечат од колеџот на неодредено време“.
„Од преостанатите случаи,на околу половина од студентите им се изречени дисциплински мерки, а за останатите нема дисциплински постапки“, рече Смит, во електронската порака пренесена низ кампусот.
Кога лани во август сканадалот изби во јавноста, на Харвард, рекоа дека 125 студенти се под сомнеж дека си помагале на финалниот испит.
Од Универзитетот рекоа дека „голем број студенти можеби несоодветно соработувале на одговорите или ги копирале одговорите на колегите на финалниот испит“.
Смит рече дека со својата големина, скандалот со измамата е „без преседан“ и дека се преземени реформи за „промоција на академскиот интегритет и неговото подлабоко сваќање во заедницата“.
Харвард, со седиште во Кембриџ, Масачусетс е еден од најексклузивните универзитети во светот каде за да студираат годишно студентите плаќаат околу 63.000 долари. Во процесот на запишување има голема конкуренција.
