Глоба за предвреме започната изборна кампања!
Државната изборна комисија од денеска ќе почне да следи дали кандидатите за градоначалници или за советници на локалните избори спроведуваат предвреме почната изборна кампања и ќе презема соодветни санкции.
За да почне со мониторингот ДИК морал да ги потврди примените листи со кандидати за градоначалници и за советници. Овој процес треба да заврши денеска.
Изборниот законик предвидува „глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра да му се изрече за прекршок на правното лице ако не го почитува рокот за започнување и завршување на изборната кампања“.
На санкции подлежат и радиодифузерите кои ќе ги пренесуваат предвреме почнатите претставувања на кандидатот.
Според Законот, за нив, глобата изнесува од 1.500 до 3.000 евра за телевизија или радио станица и 300 до 1.000 евра за одговорниот уредник во нив.