Ако не плаќаат данок Грците ќе одат во затвор!
Грчкото Министерство за финансии бара судење и затвор за илјадници ситни должници, кои на државата и должат над пет илјади евра, соопшти весникот „Етнос“.
Министерството ги презема овие мерки за да ја наполни државната каса, бидејќи досега апсењата беа само за даночните обврзници со многу повисоки долгови кон државата (вообичаено над 150.000 евра).
Кривичното гонење е предвидено за секој даночен обврзник со задоцнети обврски кон државата, што надминуваат 5.000 евра.
За наплата на обврските, пак, разработена е шема и тоа може да се случи со уплати.
Податоците изнесени во печатот покажуваат дека над два милиона Грци должат до 3.000 евра, а нивните заеднички обврски изнесуваат 1,1 милијарда евра, додека 1.500 даночни обврзници имаат долгови од над еден милион евра и нивните обврски изнесуваат 35 милијарди евра.
Е.Н.Ј.
