Бебиња зад решетки во Авганистан!
Во пеколните затвори, жртвите на силување и нивните мали деца се заклучени во полутемнина. Стравичните приказни за жени и деца затворени за тн. „морални злосторства“ во озлогласениот затвор во Авганистан се открија откако беше дозволен влез за камери.
Марјам три месеци е во затворот „Бадам Баг“ откако убила маж што ја силувал со вперен пиштол, а потоа се обидела да се самоубие. Но, допрва го чека обвинението.
Нуриа има уште 8 месеци од казната поради обид да се разведе од сопругот. Таа роди во затворот и келијата ја дели со нејзиниот син. Тој е едно од 62-те деца заробени во затвор бидејќи нивните мајки се осудени за „злосторства“ какви што се одбивање на договорен брак или дружење со маж по сопствен избор.
Неретко и по шест жени ја делат келијата, а затвореничките во текот на неделата посетуваат различни часови, почнувајќи од основна писменост до ракотворби и шиење. Намерата е жените да имаат вештини кога ќе излезат од затвор.
И покрај воведувањето на неколку нови закони по соборувањето на Талибанците пред 12 години, активистите велат дека нема големи промени за жените во Авганистан.
Мирјам избегала во главниот град Кабул од северната област Кундуз откако не можела веќе да ги трпи физичките напади од сопругот. Сама во непознат град, таа му се јавила на единствениот што го познавала, братучед на нејзиниот сопруг. Тој ја изненадил велејќи и дека ќе и помогне, но дека поради презафатеност ќе испрати пријател да ја земе. Потоа „пријателот“ ја однел Мирјам во некоја куќа и ја силувал. Таа го убила со пиштолот што го зела од масичката кога се свртел да гледа телевизија. Потоа се застрелала во глава и се разбудила три дена подоцна во болница. За неколку дена, властите ја преместиле во затворот „Бадам Баг“.
„Има политики и документи, па дури и закони, но ништо не е променето“, вели Зубаида Акбар чија волонтерска организација се бори за правата на жените и испраќа адвокати и хуманитарни работници во женските затвори за да ги бранат затвореничките на суд.
Зубеида вели дека и покрај повиците за промени, за повеќето авганистански жени, малку нешта се променети.„Наизглед имаме се, но кога ќе почнете да копате под површината, ништо суштинско не е променето. Беше тешко. Беше навистина тешко“, рече таа./Н.Р
ИЗВОР: Daily Mail
