Лавров: Русија е подготвена да ги прекине односите со Европска Унија
12.02.2021
Русија е подготвена да ги прекине односите со Европската унија доколку Брисел воведе санкции што ќе создадат ризик за чувствителните сфери на економијата, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
„Нашата почетна точка е дека сме подготвени за тој чекор во случај да забележиме, како што можевме да видиме во неколку наврати претходно, дека се подготвуваат санкции што ќе создадат ризик за нашата економија“, истакна Лавров.
Тој исто така рече дека Русија не сака да се изолира од светот, но дека е потребно да бидеме подготвени за најлошото можно сценарио.
„Ако сакаш мир, подготви се за војна“, рече Лавров.
Да потсетиме, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по посетата на Москва, изјави дека Европската унија и Русија се наоѓаат во историски пресврт во прашањето за меѓусебните односи.
„Изборот што ќе го направиме ќе ја одреди меѓународната динамика на силите во овој век: дали ЕУ ќе се придвижи кон поголема соработка или поларизиран модел во односите со Русија, дали тој ќе се заснова на отворени или затворени општества“, рече Борел за време на неговиот извештај до Европскиот парламент во врска со неговата посета на Русија од 4-ти до 6-ти февруари.
