Три лица уапсени поради уривање на жичарницата во Италија во која загинаа 14 лица

Италијанската полиција уапси три лица под сомнение дека се виновни за уривање на жичарницата во близина на езерото Маџоре. Во несреќата во неделата загинаа 14 лица, а единствениот преживеан е петгодишно момче, кое е во болница и се уште е во животна опасност.
Истрагата покажала дека кабината била неисправна на почетокот на мај и дека директорите се јавиле во компанијата што требало да го поправи дефектот на безбедносната сопирачка. Дефектот, сепак, не бил отстранет, а кабината е оставена да функционира со надеж дека главниот, потпорен кабел нема да пукне и дека нема да има потреба од безбедносна сопирачка.
По 12-часовно испрашување, уапсен е сопственикот на компанијата што управувала со жичарницата, како и извршниот и техничкиот директор. Според полицијата, истрагата продолжува, можно е да бидат приведени и други лица.
