Влада: ЦУК на дневна основа да ја информира јавноста за справувањето со пожарите
Владата на Република Северна Македонија на денешната 95-та седница, која се одржа изутринава во 8:30 часот преку видеоконференциска врска донесе Одлука за постоење кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија во траење од 30 дена.
За Одлуката, ќе се извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието.
Заради операционализирање на Одлуката, Владата донесе заклучоци:
– На Претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во справување со кризната состојба,
– Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.
– Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите останати засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба,
– Владата го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на Република Северна Македонија.