Влезот на Бугарите во македонскиот Устав да биде заеднички предлог
Прашањето не е едната држава да притиска, а другата да вели не. Планираме да одиме со заеднички предлог во Европската Комисија. Го потпираме на Копенхагеншките критериуми, врз принципот на правна заштита на луѓето од наше потекло. Не ставаме конкретно билатерално прашање, туку принципи на земјите-членки, рече Петков.
Предлогот до Европската Комисија може да биде заеднички, на двете влади, и да се потпира на европски принципи, односно на Копенхагеншките критериуми, врз принципот на правна заштита на малцинствата, е идејата на бугарскиот премиер Кирил Петков како да се ефектуираат македонско-бугарските преговори, што јавно ја искажа во интервјуто за „Еурактив“, по безбедносната конференција во Минхен.
– Сега прашањето е многу поинакво. Прашањето не е едната држава да притиска, а другата да вели не. Прво, планираме да одиме во Европската Комисија со заеднички предлог, што е многу различно. Второ, го потпираме на Копенхагеншките критериуми, врз принципот на правна заштита на луѓето од наше потекло. Со други зборови, не ставаме конкретно билатерално прашање, туку вклучуваме принципи што се во рамките на земјите-членки. Мислам дека ако Брисел на овој проблем гледа како можност да се забрза преговарачкиот процес, тоа може да биде искористено подоцна како патоказ и за други држави членки на Балканот што ќе бидат поканети – изјави Петков за „Еурактив“.
Мицкоски бара да нема потценети страни
Интервјуто Петков го даде по средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски на маргините на Минхенската безбедносна конференција изминатиот викенд. Прес-службата на македонската владината истакна дека Ковачевски и Петков изразиле задоволство од досегашниот напредок на билатералната соработка и најавиле нејзино интезивирање. На средбата присуствувале и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски верува дека може да се постигне разумен напредок во врска со спорот со Бугарија без да биде потценета ниту една од двете страни. Од Битола завчера тој изрази сомневање дека барањата на Бугарија и она за што преговара премиерот Ковачевски е многу подлабоко отколку промена на Уставот и вметнување на бугарското малцинство во него. На маса се, истакна, и македонскиот јазик, историја и постоење на македонскиот народ во историска и политичка смисла и контекст.
– Дека зад ова сценарио за одбивање на обединување околу националните прашања седат ваквите мотиви доказ е и одбегнувањето на власта да не ја поддржи Декларацијата во Парламентот за титанот Гоце Делчев, пред се поради стравот на Ковачевски да не се налути Бугарија кој е поголем од желбата за почит кон великанот – рече Мицкоски.
Поддршка и од државниот секретар на САД Ентони Блинкен.
Премиерот Ковачевски на маргините на настанот во Минхен на кој учествуваат повеќе од 30 шефови на држави и влади, се сретна со повеќе високи претставници на земјите учеснички на Конференцијата. Ковачевски имал средба и со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој ја изразил својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Северна Македонија и Бугарија и ја споделил својата искрена желба да нè види заедно во ЕУ, соопшти Владата.
„Го делиме мислењето дека заедно сме посилни како сојузници во НАТО. САД остануваат наш посветен партнер во надминувањето на предизвиците,“ напиша премиерот Ковачевски на Фејсбук по средбата со Блинкен.
На конференцијата во Минхен, премиерот Ковачевски се сретнал и со премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, при што го поканил да ја посети Северна Македонија, соопшти Владата.
И претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак упати силна поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и изрази задоволство од досегашните заложби, оценувајќи ги како значаен придонес кон конечната одлука за усвојувањето на Преговарачката рамка и за закажувањето на првата Меѓувладина конференција за време на мандатот на Република Франција како претседавач со Европскиот совет. На средбата стана збор и за унапредувањето на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан, меѓу што и за охрабрувачкиот процес „Отворен Балкан”.
Ковачевски: Членството во ЕУ за нас нема алтернатива
Ве охрабрувам да ја најдете вистинската формула која ќе го забрза темпото и процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Ова секако е предизвикот за Франција како претседавач со ЕУ во овој тековен шестмесечен мандат. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција, рече премиерот Ковачевски во обраќањето на дебатата на тема „Не гледај раздвоено – цртање на пат за ЕУ и Западен Балкан” во Минхен.
Тој додаде дека спогодбата за стабилизација и асоцијација сме ја потпишале пред 21 година.
– Преговори сè уште не сме почнале, и тоа секако се должи на предизвиците кои го попречија нашиот европски и интегративен пат. Сè уште сме на истиот тој пат, бидејќи членството во ЕУ, за нас, нема алтернатива – рече Ковачевски.
Во Бугарија намалена поддршката за тврдата позиција кон Скопје
Вкупно 31 отсто од бугарските граѓани го поддржуваат пофлексибилниот пристап во преговорите со Северна Македонија, а за придржување на досегашниот поцврст став се изјасниле 49 отсто од испитаниците, додека 20 проценти немаат став. Ова го покажува анкетата на „Алфа рисрч”, спроведена од 6 до 14 февруари.
Во претходните анкети за време на Владата на Бојко Борисов, поддршката за тврдиот пристап изнесуваше и до 80 отсто. И покрај промената на седум влади во овој период, многу ретко толку брзо еволуирале ставовите на јавноста во раните месеци на една влада.