Во Хрватска лани биле регистрирани над 16.000 земјотреси
На меѓународната конференција „Управување со катастрофи“, што се одржа во Сплит сеизмологот Крешимир Кук нагласи дека минатата година се регистрирани повеќе од 16 илјади земјотреси во Хрватска, а како најактивни сеизмолошки подрачја ги посочи Далмација и поширокото подрачје на Загреб и на Риека.
Дводневната конференција е организирана од Сплитско-далматинската жупанија, Административниот оддел за хрватски ветерани, цивилна заштита и човекови права и Јавната институција Рера С.Д. за координација и развој на Сплитско-далматинската жупанија.
Земјотресите во Загреб и Бановина отворија многу стручни дебати и прашања за сеизмичките подрачја во Хрватска, од можностите за нивно предвидување и превентивна заштита до справување со кризата предизвикана од нејзините разорни последици.
Сеизмологот Крешимир Кук рече дека јужниот брег, односно Далмација, е најзагрозен, а потоа следуваат пошироката област на Загреб и пошироката област на Риека.
Во Хрватска секоја година има десетици илјади земјотреси, лани имало повеќе од 16 илјади, без помалите, кои не биле анализирани поради недоволниот број сеизмолошки инструменти.
Сеизмолозите знаат, рече тој, дека конкретно за подрачјето на јужна Далмација, очекуваната магнитуда е дури и повеќе од седум степени според Рихтер, но кога ќе се случи земјотрес, никој не може да знае, јави Хина.