Во земјава ќе бидат згрижени 780 Авганистанци
Вкупно 780 граѓани на Авганистан ќе бидат згрижени во земјава, најголем дел од нив ќе бидат сместени на периферијата на Скопје.
– За толку граѓани Владата презема обврска да обезбеди сместување и да ги згрижи, да помогне полесно да го поминат овој период додека се тука 90 дена. Во однос на хотелите, тоа е обврска на меѓународните организации кои ги покриваат трошоците – соопшти владиниот портпарол Душко Арсовски.
Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со бегалците кои треба да пристигнат кај нас, рече дека трошоците за престојот на бегалците ќе ги покријат соодветните организации и Соединетите Американски Држави.
-Но, тоа не значи дека ако треба нешто да покриеме и ние ќе покриеме. Досега ги носиме трошоците на превоз до хотелите, на вакцината, на ПЦР тест да се направи, на понудите за бесплатен здравствен преглед и секако доколку има потреба за други активности, изјави премиерот Заев.