Во знак на благодарност поделени над 40.000 картички за српските туристи
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај на Република Србија Томислав Момировиќ, денеска на ГП Табановце поделија бесплатни М-картички за патарина за граѓаните на Србија. Досега, Министерството за внатрешни работи поделило над 41.000 картички. Мерката се спроведува со одлука на Владата од 15 јуни како знак на благодарност на државата до Србија за донираните вакцини против Ковид 19. Двајцата министри кажаа дека заедничките мерки и одлуки само го потврдуваат пријателскиот однос помеѓу двете земји.
-Овој процес продолжува и понатаму, уверен сум дека овој чин на благодарност е прифатен и веруваме дека праксата на добрососедство и во најтешките моменти ќе продолжи обострано да се реализира, изјави министерот.
Неговиот колега Момировиќ, рече дека Србија придава огромно значење во односите со Северна Македонија и ги нагласи добрососедските односи, заедничката историја и блиските односи меѓу граѓаните.
-Ова особено беше видливо за време на светската пандемија кога Србија покажа подготвеност храбро да застане за своите соседи, така ќе биде и во иднина. Во знак на благодарност Владата на Северна Македонија одлучи на граѓаните на Србија да им овозможи бесплатно користење на Смарт картички за време на сезоната. Во име на граѓаните на Србија се заблагодарувам на Владата на Северна Македонија, на денешното делење на Смарт картичките, што цело ова лето можеме да ги користиме на нивните патишта. Овој гест ќе даде силен знак на иницијативата на мини шенген, покрената од претседателот Вучиќ, премиерот Заев, сè со цел проширување на заедничкиот економски простор, зголемување на протокот на луѓе и стоки, јакнење на конкурентноста на регионот, рече Момировиќ.